„Празник на липите“ и врачување на наградите „Книжевен жезол“ на ДПМ

3

На зелениот покрив на Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје вечер од 20.30 часот ќе се одржи поетската манифестација „Празник на липите“ во организација на Друштвото на писателите на Македонија.

На свеченоста ќе им биде врачена наградата „Книжевен жезол“ за поетски опус со високи естетски вредности на македонскиот поет Иван Џепароски и на српскиот поет Душан Стојковиќ.

Како што соопшти ДПМ, творештвото на Џепароски ќе го претстави Наташа Аврамовска, а за српскиот лауреат ќе говори Христо Петрески. Присутните ќе добијат примерок од повеќејазичната збирка поезија од двајцата лауреати, специјално подготвена за оваа манифестација.

Во вториот дел од манифестацијата ќе се чита поезија пристигната на Конкурсот за најдобра песна на „Празник на липите 2021“, по што ќе биде соопштена и победничката песна.

Манифестацијата се организира под покровителство и со финансиска поддршка на Град Скопје.