Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа премиерот итно да ја достави оставката на Филипче

19

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред малку во Собранието побараа премиерот Зоран Заев итно да ги достави оставките на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани со цел пратениците да ги констатираат согласно законскиот рок и процедура. Координаторот Никола Мицески порача дека сериозноста на ситуацијата со пандемијата и пожарот во тетовската модуларна болница во кој загинаа 15 лица не дозволуваат да се чека „Заев да прави пиар“.

Мицески побара еден час пауза, за како што рече „да допатуваат оставките од фиоката на Заев за да ги констатираме“, а спикерот Талат Џафери ја даде паузата, но не за да ги чекаат оставките, туку како што рече, да се смират возбудените пратеници.

– Оваа седница е веќе отворена и вие многу добро знаете дека и за пет минути да стигне оставката на министерот Филипче нема да може да се разгледува сега – рече Џафери.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ претходно се обидуваа на дневниот ред на 50. седница да вметнат предлог-одлука за разрешување на министерот за здравство Филипче, според членот 68 во Уставот, според кој Собранието именува и разрешува носители на јавни функции и членот 184 од Деловникот на Собранието, но спикерот Џарефи не прифати. Од опозицијата го обвинија дека го крши Деловникот и дека самиот не го почитува преседанот од 2013 година кога тогашното Собрание прифатило на дневен ред да разгледува предлог-одлука за разрешување на функционер.

– Ако цитирате преседан, тогаш би било во ред да кажете дека тогаш тоа барање не се однесуваше на разрешување на член на Владата, туку на спикерот Трајко Вељаноски и тогашното владејачко мнозинство ја одби одлуката. Да не испадне дека било преседан, а ние не сме го почтувале, бидете искрени, ние тогаш бевме мнозинство и не прифативме таков предлог и затоа се симна од дневен ред. Процедурата за разрешување на министер е предвидена во член 94 од Уставот, според кој министерот има право да поднесе оставка и премиерот може да предложи разрешување, а за предлогот одлучува Собранието на првата наредна седница. Уставот пропишува изричита надлежност за разрешување на министри на премиерто, а не на пратениците – рече спикерот Џафери.

Тој објасни дека не може да ги стави оставките на Филипче и Хисени на констатирање затоа што не добил такви одлуки.

– Оставката на член на влада до спикерот се поднесува преку премиерот. Имам ли таков предлог? Нема. Ако има веднаш треба да постапам, но како да постапувам кога не сум добил написмено – рече Џафери.

На ова пратеникот од Левица Димитар Апасиев возврати дека оставка и разрешување не се исти инситути и дека личната волја за оставка е неотповиклива и не може некој да ја оценува, како што сега прави премиерот Заев.

– Оставката на членот на влада се поднесува до спикерот преку премиерот, кој во случајот е само поштар. Тој нема право да ја држи туку да ја процеусира. Треба да го прашате зошто ја држи, таа е адресирана до вас. Имате право да прашате каде е оставката на Филипче која премиерот си ја чува во фиока за да си прави пиар трикови – рече Апасиев.

Џафери на ова одговори дека изричитите надлежности на институциите не може да се пренесуваат.

– Од кај јас да знам дека Филипче поднел оставка. Затоа што рекол на телевизија? За мене е меродавно од моментот кога ќе добијам од институција акт тоа да го евидентирам и да го дистрибирам според Деловникот – рече Џафери.

По бурната расправа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа пауза од еден час за да допатува оставката од министетот за задравство и неговиот заменик.

– Премногу сте несериозни како владејачко мнозинство, но темата е многу сензитивна и е несреиозно во ситуација кога министер и заменик дале оставка тие да не бидат прцесуирани во Собранието во законскиот рок. Луѓе, се работи за сериозна институција која е обезглавена, министер и заменик поднеле оставка во време на пандемија. Премногу е сериозно за да чекаме да заврши пиар-приказната на Заев – рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мицески.