Пратениците расправаат професорката Родна Живковска да биде уставен судија

4

Комисијата за избори и именувања со задоцнување од половина час ја продолжи расправата за избор на уставни судии откако од девет предложени вчера го утврди само предлогот Фатмир Скендер, граѓански судија во Апелациониот суд во Скопје, да биде избран за уставен судија. Комисијата треба да се произнесе уште за осум судии. Претседателката на Комисијата Марија Георгиевска денеска отвори расправа за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ Родна Живковска, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“, да биде уставен судија.

– Ќе беше посоодветно ако им дозволевме на самите кандидати да се претстават, а ние да им поставуваме прашања, но за жал тоа не беше поддржано од парламентарното мнозинство, забележа пратеникот Антонио Милошоски кој ја отвори расправата.

Милошоски наброја неколку научни трудови од професорката и посочи дека била член на Адвокатската комора како и на други организации со меѓународен углед истакнуваќи дека станува збор за истакнат правник затоа што во својата област покажала забележителни резутати и објавила трудови не само во домашни стручни списанија, туку и во меѓународни. Според Милошоски неспоредливи се постигнувањата на професорката Живковска со постигнувањата на кандидатката на СДСМ Тања Васиќ и затоа заслужува и треба да ја добие поддршката за да стане член на Уставниот суд.

-Кандидатката Тања Васиќ нема напишано ниту учебник или каков и да е друг труд, ниту пак има некакво достигнување што би ја истакнало во правната фела, додаде Милошоски.

Пратениците се очекува да ги разгледаат и предлозите за уставни судии – републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени од владејачките партии, и на универзитетските професори Саво Климовски судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.