Пратениците се вакцинираат со „Спутник“

18

Пратениците во Собранието денес се вакцинираат со руската вакцина „спутник“, рече министерот за здравство Венко Филипче во „А1 арената Борис Трајковски“ во Скопје каде во тек е масовна имунизација и на граѓани над 73 години. Претседателот на Собранието Талат Џафери кажа дека негова обврска било да достави список од сите 120 пратеници, а потоа секој од нив добил порака кога и каде ќе се вакцинира.

„Секој има право да одлучува или да негодува. Нивна одлука е дали некој ќе дојде или нема да дојде. Сите се предвидени и тоа е нивна работа“, одговори Џафери на новинарско прашање како ќе реагира ако некој од пратениците одбие да се вакцинира.

Пратениците се оценети како критична инфраструктура согласно Националниот план за имунизација, и како што рече Џафери, се надева дека со овој процес ќе се овозоможи посоодветна работа на Собранието и дека од втора половина на мај ќе се врати во нормално функционирање.

Филипче кажа дека со денешната имунизација целосно се троши пратката од „спутник“, и дека речиси е половина е искористена и донацијата од 1.000 дози од кинеската на „Синофарм“ од Обединетите Арапски Емирати. Во понеделникот стигнаа 10.600 вакцини на „Фајзер“.

„Денеска добивме листа од ‘Фајзер’ дека во текот на мај, секој понеделник ќе стигаат по 5 до 7 илјади вакцини за да се стигне до вкупната бројка од плус 10 илјади вакцини. На 28 април е најавено доаѓањето на 200 илјади кинески вакцини. Пристигнувањето ќе се поклопи со Велигденските празници и таа вакцина ќе се дава од 4 мај, вторникот после празниците. До тогаш ќе бидат спремни сите спортски сали во шесте предвидени градови“, кажа Филипче.

За состојбата со коронавирусот во земјава, Филипче кажа дека освен што паѓаат бројките на новозаболени и на хоспитализирани лица, се намалува и бројот на прегледи во амбулантите во Ковид-центрите и оти викендов ќе се ослободат некои одделенија кои беа пренаменети во Ковид-центри. За рестриктивните мерки ќе се разговара следната недела.

Хронично болните лица секојдневно реагираат дека се заборавени за ковид имунизација, но Филипче повтори дека имунизацијата тече согласно возраста на граѓаните. За тоа дали граѓаните ќе може да бираат која вакцина да ја примат, тој кажа дека во мај во земјава ќе имаме на располагање повеќе вакцини, но дека освен вакцината на „АстраЗенека“ која не де дава лица под 65 години, нема никаква друга контраиндицкација за останатите вакцини и оти се безбедни.

Во земјава досега се вакцинирани 44.974 граѓани, а пријавени се 192.459 граѓани.