Првачињате од Општина Кисела Вода добија бесплатни ранци и училишен прибор

0

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес присуствуваше на првиот училишен ден на првачињата од ООУ “Невена Георгиева Дуња”, од каде го промовираше проектот “Ранче за секое прваче”. Преку него, оваа година, за првпат, сите 625 првачиња од 11-те општински основни училишта добија бесплатен анатомски ранец со училишен прибор и тетратки. Дополнително, Општина Кисела Вода за нивната настава по физичко образование им обезбеди и ранец за спортска опрема, а за училиштето професионални фудбалски топки.

– Денес сме во ООУ “Невена Георгиева Дуња”, од каде го промовираме проектот “Ранче за секое прваче”. Имено, Општина Кисела Вода за сите 625 првачиња од 11-те општински основни училишта обезбеди бесплатен анатомски ранец со училишен прибор и тетратки кои им се неопходни за наставниот процес. Во услови кога цените на училишниот прибор рапидно растат и годинава се повисоки за дури 50 отсто од претходната година, сметам дека ова е солидна помош од нас, како локална самоуправа и ќе им овозможи на сите семејства кои годинава за првпат запишуваат ученик, 1 септември да им биде ден за радост и убави спомени, а не за финансиски грижи. Дополнително финансиско олеснување ќе биде и тоа што за првачињата обезбедивме и ранец за спортска опрема кој ќе им биде потребен за часовите по физичко воспитување, со што тие целосно подготвени влегуваат во училишните клупи. За годинава да почне уште поубаво, за двете училишта кои денес ги посетуваме имаме подарок, професионални фудбалски топки. На сите првачиња им посакувам многу успех, среќа, другарување и убави мигови во училишните клупи и сакам да нагласам дека ние, како Општина Кисела Вода не само со овој, туку и со многу други проекти кои следат, ќе работиме секојдневно на унапредување на условите во кои се одвива наставата-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски, кој потоа заедно со претставниците од Општина Кисела Вода и од Советот на Општината, присуствуваше на приредбата подготвена за првачињата.

Денес, тие присуствуваат и на првиот училишен ден на основците од ООУ “Кузман Шапкарев” во населбата Драчево.