Прва жртва на коронавирусот во Европа, почина пациент во Италија

7

Пациент заразен со коронавирус во градот Падова, на северот на Италија, почина, со што стана прва жртва на вирусот во Италија, но и во Европа.

Во северниот регион Ломбардија се регистрирани 15 заразени со коронавирус, а два случаи има во Венето, каде што се наоѓа Падова.

Мажот кој починал имал 78 години, пренесе агенцијата „Анса“.

Градските власти во овие региони апелираа граѓаните да останат дома, додека сите јавни активности, како карневалски прослави, црковни миси и спортски настани, се забранети до една недела. Улиците во 10 градови се опустошени, а јавните објекти се затворени.

Во Касалпустерлинго, пред градското собрание е поставена електронска табла со порака: „Коронавирус: апел до населението да остане на затворено како претпазливост“.

Првиот град во кој беа затворени повеќето продавници како и јавни објекти е Кодоњо, со население од 15.000, каде што три лица се заразени со вирусот, вклучувајќи 38-годишен маж и неговата сопруга, која е осми месец бремена.

Градоначалникот на Кодоњо, Франческо Пасерини, рече дека веста за случаите предизвикала тревога низ целиот град кој се наоѓа јужно од Милано.

Италијанскиот премиер, Џузепе Конте, изјави дека сè е под контрола и истакна дека владата одржува екстремно високо ниво на претпазливост.