Прва координација во Собранието за годинава, Договорот со ФРОНТЕКС на утрешната седница

8

 

Првата пленарна седница на Собранието за годинава ќе започне утре, а една од точките на дневниот ред е Предлог на закон за ратификација на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија (Договорот со ФРОНТЕКС). На предложениот дневен ред на оваа 99. седница ставени се 15 точки, главно закони во прво и во второ читање.

На денешната прва понеделничка координација со претседателот на Собранието Талат Џафери биле договорени тековните активности на пратениците. Освен утрешната, следна нова пленарна седница е договорена за последната недела од јануари, додека на 26 е планирано да се одржи првата седница за пратеничка прашања.

На координативната средба не присуствувале првите луѓе на пратеничките групи од опозицијата, меѓу кои и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Во Собранието денеска се одржаа и седници на две собраниски тела. Седници одржаа Националниот совет за евроинтеграции, на која беа презентирани Програмата и приоритетите на Шведското претседателство со Советот на Европската Унија за период јануари-јуни 2023 година, а на седницата на Комисијата за одбрана и безбедност беше разгледана Предлог – одлуката за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина (мај 2023 година до ноември 2023 година).

Минатата 2022 година, Собранието одржа 39 нови седници, а заедно со продолженијата од претходно 50.  Одржани се осум седници за пратенички прашања, имало четири обраќања на странски гости и едно на претседателот на државата. На овие 39 седници имало 290 усвоени точки на дневниот ред, од кои 190 се разгледани, а 100 неразгледани.