Прва прес-конференција на МОСТ: Избирачките места отворени, гласањето безбедно

9

 

Сите гласачки места се отворени навреме и досега не се забележани неправилности во спроведувањето на постапката на гласање. Гласањето се одвива безбедно, согласно здраствените протоколи, е истакнато на првата од четирите најавени прес-конференции на граѓанската асоцијација МОСТ која за денешниот изборен процес распореди 900 набљудувачи на 696 гласачки места, избрани по случаен и репрезентативен примерок. На тој начин, како што потенцираат од таму, се покриени 20 отсто од вкупниот број на гласачки места на територијата на целата држава, како и 20 отсто од гласачките места во рамките на секоја изборна единица.

„Набљудувачите на МОСТ се статични и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, имаме распоредено и 55 мобилни тимови по двајца набљудувачи, како логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи. Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја следат работата на општинските изборни комисии, но и работата на Државната изборна комисија“, велат од граѓанската асоцијација.

Како и на претходните изборни процеси, граѓанската асоцијација МОСТ го спроведува проектот согласно Декларацијата за универзални принципи за непартиско набљудување на изборите од страна на граѓански организации, како и останатите меѓународно признати стандарди за домашно набљудување на изборите.

Од МОСТ и информација дека во текот на денот, граѓаните ќе може да пријавуваат евентуалчни нерегуларности или да споделат информации поврзани со изборниот процес на бесплатната телефонска линија 080 080 080.