Прв ден гласање на предвремените парламентарни избори, први гласаат болните од Ковид19

44

Денеска почнува гласањето, кое за прв пат поради коронавирусот ќе трае три дена под посебно утврдени здравствени протоколи. 716 лица кои се позитивни на Ковид 19 или се во самоизолација гласаат денеска, во своите домови, со асистенција на медицински работници.Членовите на посебните избирачки одбори пред посетата на секој гласач ќе треба да се опремат со мантил, ракавици и маска, како и визири и средства за дезинфекција. Лицето кое гласа во домашни услови задолжително треба да носи маска и да биде со дезинфицирани раце при приемот на членовите на избирачкиот одбор.

Пред да му се даде гласачкото ливче, доколку гласачот нема, ќе добие маска и ракавици. При подавањето на личната карта лицето кое ќе гласа накратко ја симнува маската за идентификација и ја одржува препорачаната дистанца од членовите на избирачкиот одбор.
По завршувањето на гласањето гласачот ги дезинфицира рацете. Во целиот процес на гласање задолжително се обезбедува минималната физичка дистанца.

Според протоколот, членовите на посебниот избирачки одбор, заштитната опрема ќе мора да ја сменат во секое гласање во домашни услови.
Сличен процес на гласање ќе се одвива утре. 14 ти Јули е резервиран за гласање на старите и изнемоштени лица, но и оние во старечките домови, како и лицата кои се во затвор или домашен притвор. Единствена разлика е што гласањето на овие категории ќе го спроведат Основнте избирачки одбори .Членовите нема да носат мантили како заштита,но, ќе носат заштитна маска, ракавици и одржување на дистанцата.

Во среда ќе гласаат сите останати лица, распределени во 3,390 избирачки места во земјава. Избирачките места ќе бидат отворени во 7 часот наутро, а за прв пат, гласањето ќе трае два часа повеќе, односно до 21 часот. Сите граѓани кои ќе излезат на гласање, мора строго да ги почитуваат правилата.

Пред гласачкото место секој гласач ќе мора да оддржува соодветно растојание од 1,5 до 2 метра. На влез и излез гласачите ќе мора задолжително да ги дезинфицираат рацете. Откако ќе влезе, на соодветно растојание накратко ќе мора да ја извади маската, за да може членовите на избирачкиот одбор да го идентификуваат. Носењето маска е задолжително, а ракавици не. Наместо посебно пенкало за секој гласач, како што се најавуваше, пенкалата повремено ќе се дезинфуицираат. Доколку граѓаните сакаат целосно да се заштитат, може да си понесат пенкало од дома. На изборниот ден, забранети се маските кои содржат симболи на политички партии или коалиции, и тоа до 100 метри од избирачките места.

Ова се десетти парламентарни избори во независна Македонија, односно петти предвремени избори.