Предмет „Попис“: Ахмети дошол пред закажаниот термин и еден час давал одбрана

28

 

Ахмети самиот побарал, поради обврски, да дојде порано
Засега нема официјални информации во која фаза е истрагата. Од Обвинителството кратко одговараат дека се постапува во предметот
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рано изутрина, пред закажаниот термин во 10 часот, дошол во просториите на поранешно СЈО да даде одбрана за случајот „Попис“ каде што е осомничен заедно со поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер Никола Груевски, пишува 360степени.мк

Ахмети самиот побарал, поради обврски, да дојде порано.

Според информациите на „360 степени“, тој давал одбрана еден час и си заминал. Кога новинарските екипи се собраа пред просториите на СЈО, половина час пред закажаниот термин, лидерот на ДУИ веќе заминал од обвинителството.

Случајот од септември лани, по примопредавањето на предметите ма СЈО, е во рацете на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а надлежна обвинителка во истрагата остана Фатиме Фетаи. Засега нема официјални информации во која фаза е истрагата. Од Обвинителството кратко одговараат дека се постапува во предметот.

Истрагата е отворена пред повеќе од две години. СЈО соопшти дека ја отвора на 21 март 2018 година и според тогаш презентираното, Ахмети и Груевски се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувања.

„Постои основано сомнение дека како владејачка коалиција, со цел да го скријат фактот дека немаат политички капацитет да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, како и да ги скријат неповолните факти за демографската и економската состојба, што резултирало со огромно иселување на работоспособното население, осомничените помеѓу 10 и 11 октомври 2011 година се договориле да го стопираат пописот“, рече обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференцијата на 21 март 2018.