Пред нас се избори кои се клучни за иднината на државата

9

Премиерот Зоран Заев денеска во владата потпиша меморандум за соработка со амбасадорката на Швајцарија во земјава, Сибил Зутер Техада, во име на Швајцарската агенција за развој и соработка за програмата „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“.

„Фокусот ќе биде внатрешно демократизирање, партиите да бидат свртени кон граѓаните. Сите алатки и инструменти по 2023 ќе бидат преземени од институциите. Како Влада, важно ни е граѓаните да бидат мотивирани да гласаат. За нас фер, демократски и слободни избори веќе се стандард, па сакаме да одиме понатаму. За нас прифатливо е една изборна единица, но и еднаква застапеност на листите. Пред нас се избори кои се клучни за иднината на Северна Македонија“, истакна Заев.

Амбасадорката на Швајцарија во Скопје, Сибил Зутер Техада рече дека со овој проект е поддршка за демократизација на Северна Македонија.

„Ова е уште една поголема поддршка за демократизација на Северна Македонија. Демократски избори се клуч за демократија во државата. Сакаме да направиме граѓаните да можат да се потпрат на партиите. Сакаме да го зајакнеме целиот изборен процес, затоа ова е десетгодишен процес. Сакаме да ги внесеме младите луѓе во политиката. Се надевам дека овој процес за 10 години ќе направи разлика“, истакна Зутер Техада.

Заев нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се против една изборна единица, но дека за нив, како прва партија тоа е прифатливо.

„Нема причини за одлагање на изборите, претседателот на ДИК рече дека се подготвени за промена на изборниот модел. Ние како владејачка партија имавме предизборно ветување за една изборна единица, така и ќе гласаме”, истакна премиерот.