Пред најавениот протест, Сојузот на средношколци на состанок со Комисијата за заразни болести

4

Од Сојузот на средношколци, пак, претходно најавија дека в понеделник излегуваат на протест против одлуката за целосна онлајн-настава
Претставници од Сојузот на средношколци утрово присуствуваа на состанокот на Комисијата за заразни болести, каде што разговараа за текот на новата учебна година, информираат од Министерството за здравство.

На состанокот, претставниците на Сојузот на средношколците ги претставија барањата на учениците, од кои, како што велат од Министерството за здравство, најголем дел веќе се во планот на Комисијата за заразни болести за почеток на учебната година.

„Она што беше пред сѐ предмет на дискусија е периодот на имплементација на одредени протоколи, за кои Комисијата инсистира да бидат имплементирани етапно, согласно епидемиолошката состојба во земјата“,

се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче пред средношколците го објасни процесот на воведување и попуштање на рестриктивните мерки согласно епидемиолошката состојба. Тој посочи дека периодот што следува може да биде ризичен и да донесе зголемен број заразени, па затоа порача дека е потребно разбирање и соработка од сите, особено од младите.

„Сѐ може да се надомести, но здравјето и човечкиот живот не. Се договоривме да продолжиме со комуникација и понатаму, со цел добра организација и имплементација на мерките за спроведувањето на наставата во претстојната учебна година“, порача Филипче.

Од Сојузот на средношколци претходно најавија протестен марш за в понеделник бидејќи не се согласуваат со одлуката за целосна онлајн-настава и бараат комбиниран модел, онаму каде што дозволуваат условите.