Преживеани во уривањето на авион во Казахстан

14

Казахстански авион со 95 патници и пет членови на екипажот се урна во близина на аеродромот во Алма Ата. Локалните медиуми јавуваат дека имало преживеани, додека повеќе од десетина патници загинале. Дваесетина други биле хоспитализирани во тешка здравствена состојба.

Авион на компанијата „Бек Ер“ со 95 патници и пет членови на екипажот се урна во близина на градот Алма Ата во Казахстан, соопштија властите на оваацентралноазиска земја.

Авионот чија крајна дестинација било главниот град Нур Султан кој порано беше познат како Астана „изгубил височина при полетување и ја пробил бетонската ограда на аеродромот“ пред да удри во двокатна зграда, се вели во соопштението на казахстанскиот Комитет за цивилно воздухопловство.

Притоа не дошло до пожар во авионот што пак овозможило брзо започнување на операцијата за спасување.

Според наводите на очевидци, во подрачјето на аеродромот имало густа магла.

Авионот му припаѓал на казахстанскиот превозник Бек Ер, кој во својата флота има авиони од типот Фокер 100.

Авионот кој се урнал во Казахстан бил произведен пред 27 години.

Компанијата Фокер банкротира во 1996 година, а производството на авионите беше стопирано во 1997 година.

Казахстанските власти соопштија дека ги прекинува сите летови од тој вид авиони во очекување на резултатите од истрагата.

„Оние што се одговорни ќе се соочат со строга казна во согласност со законот“, објави на Твитер казахстанскиот претседател Касим-Јомарт Токаев, изразувајќи сочувство до жртвите и нивните семејства.