Преку граѓанска наука НП „Галичица“ ќе го истражува растителниот и животинскиот свет

18

 

Националниот парк „Галичица“ воведува нов пристап во истражувањето преку граѓанска наука, со вклучување волонтери во процесот на обезбедување нови научни сознанија, информира Ангела Тасеска, соработник за еколошка едукација во установата.

Според неа, интересот во јавноста е голем, а тоа го покажува бројот од над 30 пријавени кандидати.

– Граѓанската наука е нов пристап за спроведување на истражувања во системот на национални паркови со вклучување на јавноста во елементите на истражувачкиот процес, обезбедувајќи вредни научни сознанија и уникатно образовно искуство за учесниците. Националниот парк „Галичица“ ќе ја користи граѓанската наука во извршувањето на својата мисија со цел да ги зачува природните и културните вредности и да обезбеди уживање и образование за посетителите, појаснува Тасеска.

Улогата на волонтерите, појасни, ќе биде при секоја посета на Галичица доколку забележат некој од зададените растителни и животински видови, за кои претходно ќе бидат обучени, да го фотографираат и да достават фотографија до вработените во НП „Галичица“, односно до двајцата биолози, преку апликација за која ќе бидат обучени.

– Штом ја достават фотографијата до нас биолозите, веднаш ќе биде проверена дали се работи за точниот вид и доколку е потврдна информацијата ќе биде внесен во база на податоци, а волонтерите ќе можат да ја внесат во апликацијата со име и презиме, т.е. како контрибуција при мониторингот, истакна Тасеска.

Во рамки на актвиностите предвидени се работилници, од кои првата ќе се одржи на 26 јануари, кога ќе бидат претставени генералните информации за граѓанска наука. Каков е начинот на нејзино спроведување во странските земји, што значи Натура 2000 мрежа, кои видови ќе бидат мониторирани во текот на овој процес, какви следни активности ги очекуваат волонтерите и слично.

– Соработката меѓу научниците и волонтерите има потенцијал да го прошири опсегот на истражување и да ја подобри способноста за собирање научни податоци. Заинтересираните членови може да придонесат за добивање вредни информации додека учат за растителниот и животинскиот свет во нивните локални заедници, а може да се вклучи секој оној кој има желба да придонесе кон работата на НП „Галичица“, без претходно било какво научно познавање за растителниот и животинскиот свет, рече Тасеска.

Тимот кој ќе ја реализира активноста е составен од двајца биолози, соработник за алтернативни активности, едно лице од чуварската служба и туристички презентер.