Премиерката на Нов Зеланд: Ја добивме битката против коронавирусот, но остануваме претпазливи

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, изјави дека успешно е спречено ширењето на коронавирусот во земјата, односно дека вирусот во моментов е елиминиран.

11

Таа го изјави тоа откако не се регистрирани нови случаи во земјата. Сепак, експертите предупредуваат дека тоа не значи целосен крај на болеста, пренесува „Би-би-си“.

Веста дојде неколку часа пред земјата да го крене највисокото ниво на социјални ограничувања.
Почнувајќи од вторник, некои несуштински бизниси повторно ќе започнат со работа, а здравствените и образовните активности ќе продолжат, иако од луѓето сè уште ќе се бара да останат дома цело време и да избегнуваат социјални контакти.

Во Нов Зеланд досега се потврдени 1.500 случаи на заболување и 19 смртни случаи.

– Ја покренуваме економијата, но не го отвораме социјалниот живот. Ја добивме битката, но мора да останеме будни“, рече премиерката.

Таа објасни дека неодамнешните броеви покажуваат дека Нов Зеланд ја постигнал својата цел и го елиминирал коронавирусот , сепак, тоа не значи дека нема да има нови случаи, туку дека нивниот број ќе биде мал и лесно ќе се контролира.

Ардерн изјави дека Нов Зеланд ќе имаше повеќе од 1.000 новозаболени секој ден, ако не воведеше ограничувања на време.

Ограничувањата предвидуваат собирање во мали групи, односно со семејството и пријателите, со почитување на оддалеченост од два метра, сепак масовни собири се забранети и затворени се трговските центри, како и училиштата и границите.