Премиерот Мускат негира политичка вмешаност во убиството на малтешката новинарка

16

Малтешката полиција уапси еден од најистакнатите бизнисмени во врска со истрагата за убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција.

Јорген Фенек го привеле оружените сили пред зората во вторникот, на неговата луксузна јахта, додека се обидувал да го напушти медитеранскиот остров, јавува Ројтерс.

Апсењето се случи еден ден откако премиерот на Малта Џозеф Мускат предложи помилување на осомничениот посредник во убиството на Каруана Галиција ако понуди валидни докази за тоа кој стои зад убиството.

Мускат им кажа на новинарите дека наредил дополнителен полициски надзор откако се појавиле вестите за наводниот посредник, додавајќи дека тоа го направил за да спречи потенцијално бегство на „безбедносно интересните лица“.

Според малтешкиот закон, полицијата има 48 часа да го испраша и обвини осомничениот, или да го ослободи.

Каруана Галиција, угледна новинарка која се занимаваше со истражување на корупцијата, загина во експлозија на автомобил-бомба пред својата куќа во близина на престолнината Валета во октомври 2017. Нејзиното убиство ја шокираше Европа и ги наметна прашањата за владеењето на правото на малиот остров.

Осум месеци пред да биде убиена, таа пишуваше за мистериозна компанија во Дубаи 17 блек лимитед, наведувајќи дека е поврзана со малтешки политичари, без да понуди докази.

Истрагата која Ројтерс ја спроведе минатата година го идентификуваше Фенек како сопственик на таа фирма.

Во мејл од декември 2015, кој го открија малтешките финансиски регулатори, пишуваше дека тајни панамски компании во сопственост на тогашниот министер за енергетика Конрад Мици и Кит Шембри, шеф на кабинетот на премиерот Мускат, од 17 блек очекуваат исплати до два милиони долари за недефинирани услуги.

Шембри и Мици минатиот октомври изјавија дека не знаат за каква било поврзаност меѓу 17 блек и Фенек. Фенек демантираше дека се правени какви било планови за исплати на политичарите или кој било поврзан со нив. Ројтерс пишува дека нема докази дека парите се исплатени.

Семејството на Каруана Галиција го поздрави апсењето, истакнувајќи дека било крајно време.

„Сега очекуваме властите да продолжат да ги истражуваат врските кои нашата мајка ги откри, меѓу Фенек и шефот на кабинетот на премиерот и министерот Мици“, се наведува во соопштението.

Шембри и Мици се под сѐ поголем притисок да поднесат оставка. Пратеникот Свен Гиголд, кој учествуваше во составувањето на парламентарниот извештај за убиството на Каруана Галиција, го поздрави напредокот по „две години недејствување“, пренесува Гардијан.

„Имајќи ги предвид врските меѓу осомничениот Јорген Фенек, неговата компанија 17 блек и министерот за туризам Конрад Мици, и шефот на кабинетот Кит Шембри, двајцата мора да дадат оставка“.