Премиерот не сака да поверува дека и Касами ќе стане заложник на Апасиев

4

 

Во врска со најавата на лидерот на Беса Биљал Касами, а во контекст на уставни измени, дека на пролет ќе се организираат протести доколку власта не се согласи на предвремени избори, премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека не сака да поверува дека и Касами, исто како и Христијан Мицкоски, станал заложмик на лидерот на Левица Димитар Апасиев. Избори ќе има во 2024 година, нагласи Ковачевски.

„Сите треба да работат за остварување на целта, полноправно членство во ЕУ. Тоа е неповратен процес. Тој процес отпочна и од него враќање назад нема. Единствено може да го кочат оние кои се противат на членството во ЕУ. Таква партија има. Тоа е партијата Левица. Таа партија веќе има земено друга партија во свое заложништво, тоа е партијата ВМРО-ДПМНЕ. Не сакам да верувам дека господинот Касами исто така се има ставено во позиција да биде заложник на партијата Левица. Повторувам уште еднаш, ќе има голем број на одлуки кои што ќе треба да се носат во Собранието, не е ова последната одлука. Условувања на тие важни одлуки за иднината на оваа и на идните генерации, да живеат во ЕУ, да живеат во заедница на држави каде што има економски просперитет, социјална правда и врвна демократија, тоа е кочење на иднината на државата. Замислете кога ќе дојде следна одлука за усвојување, после тие уставни измени. И да излезе некоја политичка партија и да каже ние оваа одлука ќе ја поддржиме само ако има предвремени избори во Тетово. Дали тоа ви личи логично? Па потоа да се јави друга политичка партија и да рече гледајте ние оваа одлука ќе ја поддржиме ако има предвремени избори во Аеродром. Процеси кои што се од стратешко значење не можат да бидат предмет на уценувања. Тие се за идните генерации, тие се за граѓаните. Тоа секој треба да го има на ум“, рече премиерот Ковачевски.

Лидерот на Беса Касами вчера ја најави можност власта да ги нема гласовите на нејзините пратеници за уставни измени доколку не се согласи на избори.

„Ќе се разгледа можноста од пролет, ако власта нема слух за проблемите и да излезе да се соочи со граѓаните на предвремени избори, заедно со другиот дел од албанската опозиција, во делот на организирање на протести и секаков вид на притисок врз власта за да се слушне гласот на граѓаните и што побрзо да се оди на предвремени избори, рече градоначалникот на Тетово Билал Касами, кој не ја исклучи можноста за соработка и со ВМРО-ДПМНЕ.

БЕСА нема да дадат поддршка за уставните измени ако нема предвремени избори, рече Касами.