Премиерот Спасовски ги повика своите Кумановци на трпение – најважно е да се почитуваат мерките

Премиерот Оливер Спасовски ги повика неговите сограѓани Кумановци да ги почитуваат мерките.

12

„Ги повикувам граѓаните на Куманово, како и во другите градови на земјата, да прифатат дека сега е најважно да ги почитуваме мерките. Бидете уверени дека ако го правиме тоа, со секој нов ден се приближуваме поблиску до целта што си ја поставивме – да го запреме ширењето на вирусот и да го сочуваме здравјето на секој поединец и на заедницата“, напиша Спасовски на фејсбук.

Вели дека властите ги преземаат сите мерки. За само 10 дена од 20 март до 1 април, во Општата Болница во Куманово, во Центарот за јавно здравје во овој град се доставени 2.450 маски, 22.000 ракавици, 300 мантили, 60 скафандери, 1.000 калјачи и 20 заштитни очила и одреден број заштитни визири.

За зајакнување на капацитетите на лекарскиот и другиот медицински персонал во Општата Болница во Куманово се упатени по еден лекар од Штип и Скопје, кои практично ја водат работата на инфективното одделение во кумановската болница. Донесена e одлука за зголемување на персоналот и лекарите кои работат надвор од Куманово да се вратат на работа во Општа болница Куманово.

На иницијатива на Министерството за здравство спроведени се обуки на медицинските техничари во Куманово по препораките на СЗО за постапување со пациенти заболени од Ковид-19.

Службата за итна медицинска помош во Куманово доби возило кое е опремено и ставено во употреба за во ситуација кога тоа на градот му е најмногу потребно.

„Тешко е. Никогаш до сега не сме се соочиле со оваа социјална и физичка изолација, но со секој нов ден стануваме и посилни и заштитени. Сега е моментот кога треба уште повеќе да се поврземе во заедничката битка против заканата од вирусот. Да направиме сите заедно побргу да дојде денот кога сето ова ќе го оставиме зад нас“, напиша на фејсбук Спасовски.