Пресуда за „ТНТ“: За Груевски девет години, а за Јанакиески три години затвор

1

Советот од Кривичниот суд во Скопје денеска во случајот „ТНТ“ го осуди обвинетиот поранешен премиер Никола Груевски на девет години, а екс министерот за транспорт Миле Јанакиески на три години затвор.

Обвинетата Елисавета Најдовска е осудена на четири години затвор, а исто толку доби и Тони Трајковски, поранешен градоначалник на општина Гази Баба.

Нив им се судеше за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Според обвинението, сега осудените во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.

Во завршните зборови Јанакиески и Трајковски се изјаснија дека немаат сторено кривично дело при уривањето на „Космос“ и оти се надеваат на ослободителна пресуда.

– Ако добијам и шеста осудителна пресуда, дали нешто ќе се смени во општеството? Мојот одговор е дека ништо нема да се подобри, освен што Цаноски ќе заработи од буџетот на државата, давајќи поттик на други своето незаконско работење да го прикријат преку политички решенија користејќи ги правосудните органи – рече Јанакиески.

Јавниот обвинител Бурим Рустeми, пак, од судот побара обвинетите да ги прогласи за виновни и да им определи соодветни казни. Тој тврди дека во текот на судскиот процес со сигурност се докажало дека обвинетите ги сториле делата што им се ставаат на товар и дека обвинетиот Никола Груевски ја злоупотребил својата позиција и влијание како премиер да ја оствари својата желба да му го урне комплексот Космос на својот политички противник Фијат Цановски и да му нанесе финансиска штета.