Претседателски избори во Хрватска

5

Во Хрватска денеска се одржува првиот круг од претседателските избори, на кои гласачите треба да изберат меѓу 11 предложени канидати. Над три милиони и 800 илјади хрватски граѓани имаат право на глас, а се гласа на 6.409 избирачки места во Хрватска и на 124 избирачки места во 47 земји, најмногу во Босна и Херцеговина.

Според досегашните анкети, најголема поддршка од гласачите, од над 20 отсто, имаат тројца кандидати: актуелната претседателка од десниот центар Колинда Грабар Китаровиќ која има поддршка од Хрватската демократса заедница (ХДЗ) и партијата на градоначалникот на Загреб „Бандиќ Милан 365“, поранешниот премиер Зоран Милановиќ кој е кандидат на левиот центар и има поддршка од својата Социјалдемократска партија (СДП) и повеќе други помали партии од левиот центар и пеачот Мирослав Шкоро кој се кандидираше како независен кандидат кој има поддршка од клеричко – популистичката опозициска „Мост“, и од повеќе помали десничарски партии.

На претседателските избори во Хрватска се избира според мнозинскиот изборен модел, односно ако еден од кандидатите освои над 50 проценти од гласовите во првиот круг, тој станува претседател и изборниот процес е завршен.

Доколку ниту еден кандидат не освои над 50 отсто од гласовите, двајца кандидати со најмногу освоени гласови во првиот круг, ќе влезат во вториот круг од претседателските избори.