Претставниците на Косово и Србија на 2 септември се враќаат на преговарачка маса во Белата куќа

18

На втори септември во Вашингтон ќе се одржи средба на претставниците на Србија и Косово на покана од специјалниот американски пратеник за преговорите, Ричард Гренел, потврди косовскиот премиер Авдулах Хоти.

Како што јави МИА од Приштина, Хоти на Фејсбук објави дека на средбата во Белата куќа ќе се разговара за теми од областа на економијата, кои, како што вели, „ќе ја сменат економската перспектива на Косово и на регионот“.

„На 2 септември се среќаваме во Белата куќа за да разговараме со српската страна, како две независни држави, за големи проекти од економската соработка, кои ќе ја сменат економската переспектива на Косово и на регионот. Косово е благословено со пријателите кои ги има“,напиша Хоти.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи на Твитер ја поздрави поканата од Вашингтон за Приштина и Белград, меѓутоа не кажа дали и тој ќе учествува на неа.

Пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Приштина и Белград, амбасадорот Гренел утрово на Твитер ја објави веста за косовско-српската средба во Вашингтон.

И српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека ќе учествуваат на средбата во Вашингтон, истакнувајќи дека ќе се разговара за економски теми кои се важни за Србија.

Средба на челниците на Косово и Србија во Белата куќа требаше да се одржи на 27 јуни, меѓутоа таа беше по веста дека против Тачи е подигнато обвинение пред специјалниот суд за воени злосторства во Косово.