Приведени тројца бугарски државјани на Деве Баир

6

 

Министерство за внатрешни работи соопшти дека пред неполн час приведени биле тројца бугарски државјани поради нарушување на јавниот ред и мир на граничниот премин Деве Баир.

-Околу 12 часот и 45 часот на граничниот премин Деве Баир дошло до нарушување на јавниот ред и мир од страна на триесет и пет годишниот Г.З. ,А.Х.,. педесет години  и Р.Х (54),  бугарски државјани кои најпрвин вербално, дрско и недолично, со најпогрдни зборови се однесувале, а потоа се обиделе и физички да нападнат полициски службеници кои преземале службени дејства, при што се приведени  и се работи на целосно расчистување на случајот, информира портпаролот на Секторот за внатрешни работи, Куманово, Ивана Младеновска.

На граничниот премин Деве Баир, помеѓу Република Бугарија и Северна Македонија се засилени полициските контроли од утрово поради најавени организирани групи бугарски државјани за посета на гробот на македонскиот револуционер, Гоце Делчев, на одбележување на 151 годишнината од неговото раѓање.

Бугарските граѓани кои тргнаа на гробот на Гоце Делчев, пак, минуваат на граничниот премин, влегуваат во државата и се враќаат во Бугарија, откако повеќе од пет часа, како што велат , чекале за влез во Северна Македонија.

Мирослав Дачев и Бојан Донев, бугарски граѓани што влегоа со возилата на македонската страна, велат дека само сакаат да положат цвеќе на гробот на Делчев и дека не им е јасно зошто за некои од нив не е дозволено да ја реализираат намерата.

-Ова ми е втор пат да ја посетам Република Северна Македонија, првиот пат бев на чествувањето на Мара Бунева и не ми е јасно, зошто ние што сме биле тогаш, не можеме да одиме повторно во Скопје, кога не сме сториле никаков прекршок? Само сакаме да му оддадеме почит на Гоце Делчев, којшто знаете е бугарски револуционер, вели Донев.

Според информациите од МВР, од синоќа од 8 часот до изутрината до 8 часот во државата преку овој граничен премин влегле 249 лица од кои 105 македонски државјани и 144 странски.