Притисокот врз болниците е намален, се најавува затворање на дел од ковид-одделенијата

6

Се бележат трендови на опаѓање на нови случаи со ковид-19, а сериозно е намален притисокот и врз болниците, констатираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Од тие причини, според неговите најави, викендов ќе се затворат дел од ковид-одделенијата кои беа дополнително отворени.

„Се бележат трендови на опаѓање на новодијагностицирани, нешто што е значајно е што се намалува бројот на прегледи и сериозно е намален притисокот за прием на нови пациенти во болничките установи, има голем број на слободни болнички кревети. Ние во рамки на таа прераспределба од денес односно викендов ќе започнеме со ослободување на дел од одделенијата кои беа дополнително ангажирани во овој период за да третираат ковид-пациенти“, изјави Филипче.

Тој очекува дека нема да се случи некое изненадување и трендот на опаѓање ќе продолжи, па на почетокот на следната недела ќе се зборува и за новите рестрикции кои ќе се предложат.