Прифатено обвинението за „Моќник“: Милошоски и екслустраторите ќе седнат на обвинителна клупа

36

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ е третообвинет и се товари за делата измама и за злоупотреба на службената положба и овластувања
Предметот се однесува на продажба на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, сопственост на Општина Македонски Брод
Основниот кривичен суд во Скопје предмалку информираше дека во целост е прифатено обвинението за предметот „Моќник“, со кое е обвинет пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и уште 12 други лица.

Сега предметот, според електронскиот АКМИС, ќе се распореди кај судија, кој ќе треба да го закаже рочиштето за старт на судскиот процес.

Пратеникот е третообвинет и се товари за делата измама и за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Прво и второобвинет за измама, пак, се таткото на Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески. Другите десетмина опфатени со обвинителниот предлог се претседателот на поранешната Комисија за лустрација Томе Аџиев и девет члена на Комисијата. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба.

Предметот се однесува за продажба на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што ѝ е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра.

„Во текот на 2011 година прво и второобвинетиот, заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на Општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е ’поранешниот задружен дом‘, а всушност одобриле отуѓување на зграда и дворно место во село Ижишта – Македонски Брод, која ја користела Општина Пласница. Со продажбата на објектот ѝ нанеле штета на Северна Македонија во значителна вредност од 1 795 800 денари (околу 30 000 евра) и за продажбата на земјиштето ѝ нанеле штета на општината Македонски Брод во значителна вредност од 1 176 000 денари (речиси 20 000 евра)“, рекоа од ОЈО Скопје кога на 24 август го поднесоа обвинението.

Според Обвинителството, пратеникот Милошоски, искористувајќи ја својата позиција, вршел континуиран притисок врз државните органи, Државното правобранителството и судовите, за да не ја поништат продажбата на имотот.