Прифатено обвинението за организаторите на „27 април“

7

Основниот Кривичен суд денеска соопшти дека советот за оценка на обвинителен акт го одобрил обвинението за настаните од 27 април 2017 година во Собранието. Од судот информираат дека сега се чека преку системот за управување со судски предмети (АКМИС), случајот да биде прераспределен кај судија.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во мај минатата година поднесе обвинение против четири лица за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а за две лица, кои се недостапни на органите на прогонот, постапката беше запрена до нивно пронаоѓање. Тогаш обвинителството соопшти дека истрагата покажала дека обвинетите ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ што кулминирало со насилното влегување во Парламентот.

Во предистражната постапка, Обвинителството ги сомничеше поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и Владимир Атанасовски и Никола Бошкоски од УБК. Груевски се наоѓа во Унгарија каде што доби азил, а Бошкоски е во Грција. Инаку за насилствата во Собранието, на 15 март минатата година на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица.