Продлабочување на стратешкото партнерство со САД

10

Посетата на државниот секретар на САД, Мајк Помпео, во исклучително важен период за нашата земја, е потврда за пријателството меѓу САД и Македонија, засновано на заедничките вредности за мир, слобода и демократија, рече шефот на државата Стево Пендаровски кој во „Вила Билјана“, во Охрид го прими државниот секретар на САД.

“САД е нашиот стратешки партнер уште од нашата независност, а американската поддршка беше клучна во одбранбените реформи и трансформацијата на нашата Армија, со цел исполнување на критериумите за членство во НАТО. Преку програмите за развој, САД ни помогнаа во зајакнувањето на институциите, владеењето на правото, реформите на судството, зајакнувањето на граѓанскиот сектор и медиумите, како и поддршка на поволна бизнис клима за трговска размена меѓу двете земји”, истакна Пендаровски.

Претседателот на државата се заблагодари за постојаната поддршка од САД и во периодите кога земјата ги решаваше тешките прашања за внатрешната стабилност, како и постигнувањето на компромис за деценискиот спор за прашањето за името, во духот на добрососедството и регионалната соработка.

“Македонија ќе продолжи со тесната соработка со САД. Сметам дека е неопходна зголемена американска поддршка во претстојниот период, во кој Македонија треба да стане 30-та членка на НАТО и да ги почне пристапните преговори за членство во Европската унија”, рече Пендаровски.

Секретарот Помпео се заблагодари за топлото добредојде во Северна Македонија која ја посетува во рамки на посетата на Италија, Црна Гора и Грција. Тој потврди дека американската поддршка во продлабочувањето на пријателството меѓу двете земји ќе продолжи и во иднина, што е значајно не само за земјава туку и за стабилноста и безбедноста на целиот регион.