Продолжува масовната вакцинација во државата

11

Во спортскиот центар „А1 Арена“ во Скопје и денеска продолжува масовната имунизација на населението против Ковид-19.

Истата започна вчера за кога беа закажани 3.000 термини. Имунизацијата се одвиваше според планираното и вчера сите пријавени примиле вакцина.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера оцени дека првиот ден од вакцинацијата во „А1 Арената“ во СЦ „Борис Трајковски“ поминал одлично и оти во просек се вакцинирале околу 300 лица на час, односно околу 3.000 лица дневно.

„Денеска се вакцинираа дел од здравствените работници како и еден дел од припадници на МВР. Утре продолжува вакцинациајта на МВР и започнува на припадниците на АРМ. Колегите ме информираат дека целиот систем функционира беспрекорно и тоа многу ме радува. Да бидеме максимално претпазливи во неделите што следат и да ги почитуваме мерките без исклучок“, објави синоќа на фејсбук Филипче, потсетувајќи дека од денеска стапуваат во сила поригорозни мерки и повика сите да дадеме придонес во битката со пандемијата.

Вчера во „А1 Арената“ пријавените лица беа вакцинирани со руската вакцина Спутник В. Во оваа фаза ќе бидат имунизирани лица вработени во МВР, АРМ, новинари, возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработени на патарини и други.

На терен работи тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени. Во салата се одредени места каде вакцинираните се под опсервација 15 до 20 минути. На самото место има екипи на Итна медицинска помош, доколку има потреба да интервенираат, информираат надлежните.