Продолжува полицискиот час, можно е и нови мерки во наредените денови

20

Полицискиот час кој е воведен на 10.март, а забраната за движење трае од 22 до 05 часот е продолжен за уште две недели.

Oдлуката да продолжи ваквата рестриктивна мерка денеска треба да ја достави Комисијата за заразни болести, но министерот за здравство, Венко Филипче не ја исклучува ниту можноста во текот на наредните денови да предложат и дополнителни рестриктивни мерки заради актуелната епидемиолошка слика.

Во изминатите денови во Македонија се регистритаат огромен број новозаразени лица со Ковид-19, заради што секојдневно се зголемува и потребата од хоспитализации, а посебно загрижувачка е бројката на починатите пациенти.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1329, а од Министерството за здравство соопштуваат дека има околу 300 слободни болнички кревети во ковид центрите низ земјава.

– Ние сме спремни да воведеме и дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не дадат посакувани резултати. Ставот е дека од утре ќе продолжат да важат истите мерки, како и досега, тоа значи дека останува на сила полицискиот час од 22 до 05 часот наутро, а за евентуална дополнителна рестрикција ќе разговараме во текот на неделата врз основа на тоа што ќе се случува следните денови, истакна министерот Филипче за ТВ Сител.

Најмногу хоспитализации има во главниот град каде што во ковид центрите се лекуваат вкупно 578 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19, а поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, од петокот е отворен и ковид центарот на Клиниката за Пластична хирургија.

Инаку, во ГОБ 8 Септември има вкупно 121 пациенти, па таму во текот на изминатата недела се намали редовниот тек на хируршките интервенции, а на Клиниката за инфективни болести лежат 133 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 36 пациенти.На Клиниката за детски болести има 16 деца позитивни на ковид 19 вирусот, а на ГАК има 7 позитивни пациентки. Што се однесува пак до останатите градови, најмногу болни од вирусот има во болницата во Прилеп, дури 119, во Куманово 104, како и во Охрид 92 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 77 пациенти, во болницата во Штип 55 пациенти, во Велес се лекуваат 62 болни, а голема е и бројката во Кавадарци, каде од полничко лекување имаат потреба 72 пациенти.