Продолжува растот на цените – Ќе има ли нови антикризни мерки?

1

 

Од полноќ ново поскапување на горивата. Дизелот ќе се точи за 2 денари плус, цената на бензините останува непроменета.

За само 2 дена, ова ќе биде трето зголемување, откако се врати данокот на 18%, а трендот на пораст на светските берзи – продолжи.

За да се спречи ценовниот шок, опозициската коалиција бара спикерот Џафери да закаже итна седница, за измена на два нови закони, со кои акцизата на горивата ќе се намали на 5% , а основните прехранбени производи ќе бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината.

-Бараме оваа седница да биде свикана што е можно поскоро зашто секоја помината минута, откако Владата реши да не ги продолжи антикризните мерки за горивата и основните продукти, претставува невидена голгота за граѓаните. Нашите граѓани страдаат, доведени се до ситуација да очекуваат некој нешто да преземе, бидејќи со ситуацијата во која Владата ги стави можат да преживеат едвај една недела, а не цел месец, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

За полесено да се преброди кризниот период, бизнис заедницата бара ведаш да се интервенира со стоковите резерви, да се зголеми домашното земјоделско производство, но и да се укинат бирократските процедури за добивање дозволи за обновливи извори на енергија. Проблемот го кочат општините, а се чека и до 3 месеци.

– Компаниите можат добар дел од енергетските потреби сами да ги задоволат, а неопходното ќе го купат. Нема потреба да имаме толку сложени процедури, да губиме време по општини за градежни дозволи или по институции за вадење документи. Чекаме по 60 – 90 дена. Според неофицијални информации, само во една од скопските општини има 30 – 40 предмети за обновливи извори. Денес не е проблем да се обезбеди опремата, но на обезбедена опрема и можност таа да се монтира, ние сме закочени во административните процедури, изјави Трајан Ангелоски, претседател на Сојуз на Стопански Комори.

Од Владата велат – ќе има нов пакет антикризни мерки, но откако ќе се изгласа ребалансот на буџетот. Сепак, тие ќе бидат таргетирани – односно само за најзагрозените категории граѓани.

До сега, за ублажување на последиците од кризата потрошени се околу 615 милиони евра, а со ребалансот за нов пакет се предвидени 76 милиони евра.