Продолжува штрајкот во училиштата, вработените во градинките се враќаат на работа

10

Откако вчера пропадна постигнатиот договор помеѓу Владата и раководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), кој предвидуваше зголемување на платите за 12 отсто, денеска продолжува штрајкот во основните и средните училишта. Вработените во градинките, пак, од денеска се враќаат на работа.

За неприфаќањето на договорот од членството, вчера пред седиштето на СОНК, информираше претседателот на синдикатот, Јаким Неделков.

„Од вкупно 480 синдикални организации коишто дадоа податоци за нивното изјаснување во однос на договореното со Владата, 388 беа за продолжување на штрајкот од утре, а само 83 беа за прекинување на штрајкот. Најголемиот дел од оние коишто се изјаснија за прекинување на штрајкот, се синдикалните организации за детската заштита, а без исклучок огромниот број на оние кои се за продолжување на штрајкот се колегите и колешките од основното и средното образование. Советот на СОНК со оглед на сумираните резултати донесе одлука штрајкот да продолжи во основното и средното образование и во текот на утрешниот ден, се до наоѓање на заедничко прифатливо решение со Владата и МОН“,изјави Неделков.

Тој најави и дека на 4 мај пред Владата ќе организираат и протест.

До пропаѓањето на договорот дојде откако раководството на СОНК по преговорите во Владата во понеделникот објави дека е постигнат договор, но вчера членовите на синдикатот се собраа пред седиштето за да протестираат.

По одлуката на СОНК, да продолжи штрајкот, реагираше министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој нагласи дека зборот на СОНК не издржал ниту едно деноноќие. Тој, на неговиот Фејсбук профил посочи дека променетата одлука на синдикалното раководство е на штета на нашите млади, учениците од основните и средните училишта.

„Министерството за образование и наука цени дека премногу настава е изгубена досега и тоа мора да престане. Доволно голем е јазот во знаењето кој го создаде овој штрајк со целосно блокирање на работата на училиштата и тој повеќе не смее да се продлабочува“,порача синоќа Шаќири.

Тој ги повика директорите на училиштата, како одговорни за организирањето на работата на овие образовни установи, од денеска да ги отворат вратите на училиштата и да продолжат да организираат настава согласно законите за основно и средно образование. Исто така ги повика и родителите/старателите на учениците од денеска да продолжат да ги носат своите деца на училиште. Тие, како што додаде, се најмалку виновни што губат настава поради несериозноста на една организација, но можат многу да помогнат во нормализирањето на состојбите.