Пролетва земјава со сопствена берза на електрична енергија

5

 

Националниот оператор на пазар на електрична енергија МЕМО ДОЕЛ – Скопје пролетва треба да ја стави во функција берзата на електрична енергија на која првично ќе се тргува по принципот ден однапред, што значи купување и продавање на енергија од денеска за утре, а подоцна и по принципот во текот на денот, односно купување и продавање истиот ден кога се врши тргувањето.

Веќе се завршени правилата за тргување со берза и се очекува до крајот на февруари 2023 година нив да ги усвои Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) по што ќе почне пробниот период на работа на берзата.

– Берзата на електрична енергија, односно организираниот пазар на електрична енергија во Македонија е предвидено да се воспостави согласно Законот за енергетика, кој е донесен 2018 година и е задолжение на МЕМО ДОЕЛ Скопје, на операторот на пазар на електрична енергија. Во моментов се врши имплементација на трговска платформа и платформа за финансиско порамнување и се очекува сето ова да се заврши некаде до крајот на првиот квартал од идната година кога очекуваме да се изврши тест период. После завршување на тест периодот очекуваме некаде на почетокот на вториот квартал наредната година, на пролет берзата на електрична енергија во Македонија да биде Гоу лајф, изјави Симон Шутиноски, управител на МЕМО.

На берзата, како што нагласи, ќе може да тргуваат сите оние кои сакаат да учествуваат во трговија на големо со електричната енергија, односно сите оние производители на електрична енергија кои сакаат да ја продадат својата енергија, транспарентно, на недискриминаторен начин и сите оние снабдувачи и трговци на електрична енергија кои сакаат да купат енергија на истиот начин од берзата на електрична енергија.

– Берзата на електрична енергија е пракса во цела Европа, како и во целиот свет. Ние заедно со целиот регион сме некаде на крајот од Европа со имплементирање на овие делови од европското законодавство. Берзата на електрична енергија се прави затоа што таа гарантира за трансакциите на електрична енергија на големо кои се случуваат при трговијата на електрична енергија, односно е сигурност за тргување и за продавање на електрична енергија од производителите, а и сигурност за оние кои купуваат дека таа трансакција ќе се оствари. Берзата кај нас првично ќе почне да работи во сегментот ден однапред, што значи тргување со електрична енергија од денес за утре и со тоа конечно во Македонија ќе се добие референтна цена на електрична енергија, посочи Шутиноски.

Тој порача дека државата во моментов нема создадено референтна цена на електрична енергија поради непостоење на организирано тргување.

– Во моментот тргувањето во Македонија се случува по билатерален пат и цените по кои се тргува се базираат главно по цените кои се референтни за унгарскиот пазар, односно референтните цени на берзата во Унгарија ХУПЕКС, која е поразлична од онаа цена која би била во Македонија. Зошто велам поразлична? Можеби цената ќе биде иста, но потребите на тој пазар кој се случува во Унгарија и пазарот во Македонија се различни. Различни се времињата на побарувачка и на понуда, појасни Шутиноски.

Договор со берзата, како што кажа, ќе треба да склучи секој трговец на берзата, а цената на електричната енергија ќе зависи од пазарот на тргување, односно од понудата и побарувачката.