Промоција на словенечки превод на книга на Иван Шопов

8

Промоција на словенечкиот превод на книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“, од писателот Иван Шопов, ќе се одржи вечерва во кафе-книжарницата „Буква“, во 20 часот. Книгата ја издаде Друштвото на словенечки писатели, во превод на Алеш Мустар. За неа ќе зборува писателот Владимир Јанковски. Промоцијата се одржува по повод Денот на државноста на Република Словенија и 30-годишнината од нејзината независност.

„Скопје: изгубените чевли на градот“ содржи осумдесетина микрораскази/куси записи посветени на „невидливиот“ дел на градот Скопје. Текстовите, т.н. антиразгледници, се создавани во периодот 2016-2020, а поттикот за нивно пишување во голема мера е промената на архитектонскиот лик што градот ја доживеа изминативе години. Во неа средишно место заземаат приказните за малите луѓе и феномените што се маргинални, сето она што никако не би можело да се најде во историските учебници и на разгледниците.

Иван Шопов ги објавил збирките раскази: „Азбука и залутани записи“ и „091 – антиразгледници од Скопје“, збирката песни во проза „Меше на годината“, збирката сатирични текстови „Хрониките на Арслан Новинарски“ и мини-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од застава 750“. Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик.