Протестираа одгледувачите на свињи од кумановското село Тромеѓа

7

Сточарите од кумановското село Тромеѓа, денеска еден час го блокираа регионалниот пат Куманово-Свети Николе, помеѓу населбите „Перо Чичо“ и „Иго Тричковиќ“ барајќи да не се уништуваат нивните здрави свињи.

Агенцијата за храна и ветеринарство претходно потврди дека е утврдено присуство на болеста африканска чума кај свињите во едно одгледувалиште во село Тромеѓа.

– Не смее да се уништи здравиот сточен фонд. Сметаме дека малиот сточар не смее да се уништи на сметка на големи корпорации. Во селото освен во едното одгедувалиште, во сите останати свињите се здрави. Поминати е повеќе од месец дена и досега ниту едно животно не покажа симптои, изјави Владан Станојковски, заменик претседател на месна заедница село Тромеѓа.

Сточарите протестираат од 6 декември годинава, прво го блокираа влезот на селото, а подоцна се префлрија на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, на клучката помеѓу двете населби.

Сточарите велат дека околу нивното село нема шума и нема контакти со диви свињи. Стравуваат дека по уништувањето на свињите во Кумановско ќе се зголеми цената на свинско месо и дека ќе се дозволи увоз. Во Тромеѓа, според податоци на производителите има регистрирано помалку од 1.000 свињи.

И за утре е најавен протест со почеток од 9 часот на истата локација кај клучка помеѓу населбите „Перо Чичо“ и „Иго Тричковиќ“ на регионалниот пат Куманово- Свети Николе.

Претходно, во кумановско протестираа одгледувачите од реонот на селата Љубодраг, Умин Дол и Ново Село. Прв случај на африканска чума во кумановскиот регион беше регистриран на почетокот од октомври, годинава.Претходно и АХВ потврди дека е утврдено присуство на болеста африканска чума во одгледувалиште во Тромеѓа. Од АХВ нагласија дека има контролни и заштитни мерки во овој регион кои важат при појава на африканска чума.