Протокот на нафта од Ирачки Курдистан кон Турција привремено прекинат

3

 

Протокот на нафта од Ирачки Курдистан преку турското пристаниште Џејхан е привремено прекинат по големиот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија, соопшти денеска регионалното Министерство за природни ресурси.

„Извозот на нафта ќе продолжи откако ќе заврши внимателната проверка на гасоводот“, се вели во соопштението.

Претходно денеска сириската нафтена рафинерија Банијас објави дека ќе ја прекине работата на 48 часа.

Исто така, беше соопштено дека набргу по земјотресот дошло до експлозија, а потоа и пожар на гасоводот во селото Топбогази, во областа Кирихан, што го запрело протокот на природен гас кон провинциите Газиантеп, Хатај и Кахраманмарас и окрузите Пазарчик, Нарли, Бесни, Голбаши, Нурдаги, Ислахије, Реиханли, Кирихан и Хаса.

Операциите на нафтениот терминал Џејхан во јужна Турција се прекинати, соопшти Агенцијата за транспорт на нафта Трибека, додавајќи дека во тек е итен состанок на терминалот во источниот Медитеран, на околу 155 километри од епицентарот на земјотресот.

Покрај тоа, државниот гасоводен оператор БОТАС соопшти дека протокот на природен гас, поради оштетување на цевководите, е запрен во провинциите Газиантеп, Хатај и Кахраманмарас, како и во некои други области во Турција.