Протуѓер доби условна, Јанакиевски 4 години и 6 месеци за „Титаник“

33

Во Основниот Кривичен суд – Скопје денеска беа објавени пресудите за обвинетите кои признаа вина во случајот „Титаник“.

Мартин Протуѓер, поранешен генерален секретар на владата и на ВМРО-ДПМНЕ е осуден на единствена казна од две години условно , доколку во 5 години не стори ново кривично дело.

Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт и врски е осуден на единствена казна на 4 години и 6 месеци затвор во кој му се засметува времето поминато во притвор.

Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи е осудена на единствена казна затвор од 2 и пол години.

Билјана Бришковска-Бошкоски, поранешна заменик-министерка за правда доби условна осуда од 2 години затвор кои ќе ги одлежи доколку во 5 години не стори ново кривично дело.

Катерина Веловска, е осудена доби условна осуда од 2 години затвор кои ќе ги одлежи доколку во 5 години не стори ново кривично дело.

Мунир Пепиќ, поранешен вработен во Агенција за разузнавање е осуден на 1 година затвор.

Кирил Тодоровски, поранешен шеф на кабинет во МВР и поранешен вработен во Разузнавање е осуден со условна осуда од 2 години затвор кои ќе ги одлежи доколку во 5 години не стори ново кривично дело.

Коста Митроски, поранешен претседател на изборна комисија во Центар е осуден на 3 години затвор.

8-мината меѓу кои и поранешни високи владини и партиски функционери признаа вина по обвинението дека во повеќе изборни циклуси (2011-2014 г.) учествувале во различни видови на влијание врз изборниот процес.

Судијата Осман Шабани кој го води судскиот процес рече при изрекувањето на пресудата дека есе влијаело врз гласачи за да не се гласа, за да се гласа или како да се гласа на избори. Влијанието е вршено со притисок, подароци или со спречување на остварување на избирачко право, рече судијата.

Првообвинет е бегалецот Никола Груевски, поранешен претседател на владата и на ВМРО-ДПМНЕ. Во случајот Титаник се обвинети и други поранешни фукционерикако поранешниот владин генерален секретар Кирил Божиновски, поранешниот пратеник Илија Димовски, градоначалникот на општина Пустец Едмонд Темелко. На списокот обвинети се и Леко Ристоски, Станко Коруновски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Судењето за останатите обвинети во случајот кои не се чувствуваат виновни продолжува на 9 март.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.