Процедурата за уставни измени нема да почне пред одморите

1

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска ја презентираше временската рамка за стартот и завршувањето на процесот на скрининг со Европската Унија. Како што соопшти, ако се следи временската рамка од Брисел, скрингот би требало да заврши до ноември 2023 година.

По презентацијата, дел од новинарските прашања се однесуваа на обврската за промена на Уставот, односно вметнување на Бугарите во него, што мора да се случи пред да се одржи следната меѓувладина конференција на која ќе се отворат кластерите. Поточно, новинарите бараа одговор кога ќе се иницираат уставните измени, со оглед на тоа дека скрингот ќе трае до крајот на следната година.

„Уставните измени за Преспанскиот договор траеја повеќе од четири месеци. Ние се уште немаме утврден календар за уставни измени, но тоа е обврска која треба да ја завршиме најдоцна до крајот на скринингот. Внимателно ќе ги разгледаме околностите, атмосферата, дијалогот во Собранието. Целта е да завршат успешно…. Секако ќе биде по летните одмори. Тогаш ќе можеме да говориме за точен календар. Важно ни е да одиме ниту пребрзо но ниту преспоро. Најважно е исходот да биде позитивен“,изјави Маричиќ.

Во понатамошниот дел од одговорите Маричиќ објасни дека овие уставни измени, во содржинска смисла, се најлесните досега. Причината, додаде, е што само треба да се додадат неколку заедници (освен Бугарите и Црногорците и Хрватите) на веќе седумте кои се споменати во Уставот. Нашиот концепт на Уставот е таков што дозолува вакви промени, продолжи Маричиќ, потсетувајќи дека е така веќе 20 години.