ПСЖ ја одреди цената за Мбапе: Познато колку треба да искешира Реал за да го добие

16

Веќе не е новост дека Реал Мадрид сака да го купи Килијан Мбапе, кој не потпушува нова соработка со Пари Сен Жермен и му останува само уште една година од важечкиот договор, но иако ќе има само уште 12 месеци, „светците“ нема туку така лесно и за евтини пари да се откажат од него.

Подолго време се најавува дека Мбапе ќе дојде во најгламурозниот и најтрофејниот клуб на светот, а ПСЖ и ќе се откаже од него, откако се појави шансата летово да го земат бесплатно Лионел Меси. Сепак, Мбапе, кој завчера беше брилјантен и даде хет-трик на „Камп Ноу“ против Барселона (4-1), скапо ќе го чини Флорентино Перез.

Угледниот француски весник „Ле Паризиен“, објави синоќа за колку брзоногото суперталентирано крило е достапно за трансфер. ПСЖ поставиле цена од најмалку 200 милиони евра. Под оваа сума не преговараат. Сега во ек на голема криза предизвикана од пандемијата со коронавирус, прашање е дали Реал има толку пари, особено зашто веќе е презадолжен со кредит за реконструкцијата на „Сантјаго Бернабеу“ за половина милијарда евра.

Но, кога станува збор за Перез, сѐ е можно.

„ПСЖ смета дека ова е вистинска цена, која истовремено им дава простор дека тешко некој би можел да ја плати во оваа криза. На овој начин веројатно парижаните сакаат да го задржат Мбапе, но прашање е дали тој сака да остане или ќе притисне за трансферот“, пишува весникот.

Од поодамна е најавено дека Мбапе и Перез имаат успен договор, а Французинот би добил 30 милиони евра годишна плата. Дека нешто се крчка најавил и капитенот во заминување Серхио Рамос, кој неуспехот за договор за нова соработка меѓу свои пријатели ја прокоментирал: Велат немаат пари, а ќе потрошат богатство за Мбапе!

Покрај Реал Мадрид, Ливерпул, Манчестер сити и Јувентус покажуваа интерес за ѕвездата на ПСЖ, но тој уште од дете има желба да го облече „кралскиот клуб“. Ако летово се случи ваков трансфер, сепак нема да биде светски рекорден, зашто актуелниот соиграч Нејмар чинеше 222 милиони евра за трансферот во август 2017 година од Барса во Париз.