Пукање во САД, најмалку осум мртви, напаѓачот се самоуби (ВИДЕО)

5

Во американскиот град Индијанаполис се случи масовно пукање, во кое загинаа најмалку осум лица. Напаѓачот е мртов, но неговиот идентитет не е познат. Според првите информации од локалната полиција, тој извршил самоубиство.

Според американските медиуми, инцидентот се случил во магацин на „Федекс“.

Полицијата одржа прес-конференција.

„Лицето за кое претпоставуваме дека е напаѓачот е мртво. Најдовме осум мртви со прострелни рани“, изјави Џини Кук, портпаролка на полицијата.

„Едно лице е критично, четири се итно пренесени во блиските болници, а неколку лица имаат повреди што ги добиле на различни начини“, рече Кук.

Голем број луѓе се повредени и се наоѓаат во болница. Семејствата на жртвите се собираат во блискиот хотел.

Идентитетот на напаѓачот сè уште не е потврден, не е познато дали бил вработен во „Федекс“. Не се познати детали, ниту причината за нападот.

„Видов човек со автоматска пушка, тој пукаше на отворено“, рече Џеремаја Милер, кој случајно се нашол во близина на нападот.