Путин и Лукашенко на „маратонски“ состанок

23

Претседателите на Русија и Белорусија, Владимир Путин и Александар Лукашенко, во Сочи разговараа пет и пол часа за поблиски односи меѓу двете земји.

На 20-годишнината од потпишувањето на договорот за Сојузот на Русија и Белорусија, Путин оцени дека руските и белоруските власти направиле многу со цел интеграција на двете држави.

Околу 1.000 луѓе се собраа во белоруската престолнина Минск во знак на протест против интеграцијата на Белорусија и Русија.

На почетокот на разговорите, Лукашенко побара Русија да продолжи да испорачува гас во Белорусија по цени што важат за рускиот пазар.

„Ќе разгоараме за идни перспективи. Се надевам дека ќе сториме сè за нашите граѓани и народи да го почувствуваат приближувањето пред се во економската сфера, но и на социјално поле, за да имаат корист од интеграцијата“, рече Путин.

По разговорите за проширен состав кои траеја два часа, Путин и Лукашенко ги продолжија разговорите во четири очи. Во исто време, делегациите предводени од премиерите Дмитриј Медведев и Сергеј Румас ги продолжија разговорите за време на работна вечера, пренесува ТАСС.

Путин и Лукашенко планираат да се состанат и на 20 декември во Санкт Петербург, а може да одржат и дополнителен состанок.