Путин сака со уставни промени да ја намали моќта на неговиот наследник

17

Владимир Путин побара да се распише референдум за уставни промени со кои вистинската моќ во државата би се пренела од претседателот на премиерот или парламентот, што би му овозможило да го продолжи своето владеење и откако ќе го напушти Кремљ.

Како претседател или премиер, 67-годишниот Путин се наоѓа на власт од 1999 и најави дека планира да се повлече откако ќе му истече четвртиот претседателски мандат во 2024. Тој засега не се изјаснил какви му се плановите потоа, но сегашниот устав не дозволува повеќе од два едноподруго претседателски мандата, што значи дека не би можел повторно да се кандидира.

Во своето годишно обраќање до нацијата, Путин навести дека Дума, долниот дом на парламантот, би требало да ги избира премиерот и други клучни позиции.

„Се разбира, ова се многу сериозни промени во политичкиот систем. Тоа би ги зголемило улогата и значењето на националниот парламент и на парламентарните партии, како и независноста и одговорноста на премиерот“, изјави Путин.

Доколку се одржи, тоа би бил прв национален референдум во Русија од 1993 година.