Путин: Тежнеењето на Западот за доминација ја зголемува опасноста од судири

0

Западните сили со сите можни средства настојуваат да ја одржат доминацијата на светската сецена со што ја зголемуваат опасноста од избивање на судири, истакна денеска рускиот претседател Владимир Путин.

– Потенцијалот за избивање судири во светот расте како директна последица на настојувањето на западните елити со сите можни средства да ја одржат својата политичка, финансиска, воена и идеолошка доминација, рече Путин.

Рускиот претседател говореше во видео порака упатена до министрите за одбрана на земјите-членки на Шангајската организација за соработка и група поранешни советски земји.

– Тие (елитите) свесно предизвикуваат хаос и ја отежнуваат меѓународната ситуација, рече Путин во пораката која ја објави Кремљ.

Тој исто така го обвини Западот дека „ја експлоатира“ Украина и го користи украинскиот народ како топовско месо во судирите со Русија.

Путин постојано ја карактеризира војната во Украина, која Москва секогаш ја нарекува „специјална воена операција“, како судир меѓу Русија и Западот и ги критикува земјите кои воено и финансиски ја помагаат Украина.

Киев, европските земји и Вашингтон посочуваат дека Москва со циничната агресија на проевропската соседна земја се обидува да освои големи делови од Украина и да го симне од власт нејзиниот претседател Володимир Зеленски.