Работи кои треба да ги знаеме за токсичните ПМ 10 честички

8

Повеќе не е новост дека квалитетот на воздухот во нашата земја, но и во регионот е лош. Еден од најчестите индикатори е високата концентрација на ПМ 10 честичките.

Ова се 6-те работи кои треба да ги знаете за овој загадувач:

Големина
ПМ 10 честичките го добиле своето име по својата големина – тие се помали од 10 микрометри. За споредба, човечкото влакно е широко околу 100 микрометри. И додека покрупните честички се задржуваат, на пример, во носот, овие честички продираат во белите дробови.

Состав на честичките
ПМ 10 честичките можат да бидат со различен состав, а заедничко им е само големината. Тие се мешавина од чад, прашина и киселина од тешки метали.

Квалитет на воздухот
Кога концентрацијата на овие честички во воздухот е помеѓу 0 и 20 микрограма по кубен метар, велиме дека квалитетот на воздухот е одличен, а добар е додека не премине граница од 40 микрограми. До 50 микрограми, воздухот е прифатлив, а за сè што е над таа граница велиме дека воздухот е загаден. Ако концентрацијата на честички е над 100 микрограми, што често се случува во Македонија, велиме дека воздухот е многу загаден.

Бројни здравствени проблеми
Долга е листата на здравствени проблеми до кои може да доведе вдишувањето на ПМ 10 честичките. Може да дојде до апсорбција на отровни материи во крвта (на пример цинк), до алергиски реакции, бактериски и габични инфекции, фиброза, респираторни проблеми…

Хируршката маска не помага
Хируршките маски не се од помош во борбата против ПМ 10 честичките, но нано маските се. Меѓутоа, специјалните нано маски не може секој да си ги дозволи.

Извори на загадување
Бројни се изворите на овие честички – од термоелектрани до автомобили, но тука се, секако, и природните извори како шумските пожари и поленот.