Работодавачите бараат побрзо формирање на Влада заради нов сет на антикризни мерки

14

Организацијата на работодавачи, предводена од претседателот Ангел Димитров, повика што е можно побргу да се формира Влада заради носење на нов сет антикризни мерки за справување со економските последици од епидемијата.

Димитров вели дека особено е погодена текстилната индустрија и дека работодавачите се оставени сами да се справуваат со кризата, кога голем дел од работниците се дома.

Мора да се донесат сет на мерки, со цел да се зачуваат работните места – вели Димитров, кој го предлага германскиот модел трошоците за работниците за четири часа да ги подмирува работодавачот, а останатите четири часа државата.

Како што додава тој, неодамна објавениот список од страна на Владата за тоа кои фирми не исплатиле државна помош за плати покажал дека големите текстилни фирми немаат направено вакви злоупотреби.

– Потребно е, Владата преку електронскиот систем за исплата на плати строго да контролира, дали парите стигнале до вработените и јавно да ги објавуваат веднаш сите што не извршиле исплата. Се разбира, податоците треба да бидат прецизни за да нема простор за манипулации, вели Димитров.

Во изминатиот период повремено се затвораа 20 текстилни компании, од кои најмногу во Штип,Свети Николе и Пробиштип.