Радев: Владата на Борисов во ЕУ не успеа да ја претстави бугарската позиција за Македонија

54

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска ја критикуваше Владата на Бојко Борисов дека не успеала да ја претстави позицијата на Бугарија за Македонија пред западните партнери.

Како што јавуваат бугарските медиуми, Радев на денешната прес-конференција на којашто даде отчет за сработеното во изминатите четири години, изјавил дека спорот ја потврдил тезата на потпретседателката дека само давањето бугарско државјанство не е доволно за успешна соработка со бугарските заедници во странство.

„Гледате дека граѓаните со бугарски пасоши во Република Северна Македонија не се чувствуваат како граѓани со самодоверба. Бугарските власти не успеаја пред Европската Унија да ја претстават бугарската позиција во однос на РС Македонија“, вели Радев.

Тој уште најави дека ќе се кандидира за втор мандат, заедно со потпретседателката Илијана Јотова.

„Изминатата година беше година на бурни и драматични настани што го забрзаа текот на општествено-политичките промени кај нас. Во таа турбулентна година институцијата претседател продолжи да ги брани интересите на Бугарите. Да биде коректив и последна бариера против незаконието и лобирањето. Да става на дневен ред важни теми, да обединува околу значајни каузи. Реалноста налага да има институции со јасни приоритети и предвидливост во своето работење“, рече Радев.