Радев: Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав да биде услов за почеток на преговори со ЕУ

14

Бугарскиот претседател Румен Радев бара Бугарите да се внесат во македонскиот Устав пред почетокот на преговорите на земјава со ЕУ, како и почитување и заштита на бугарското културно-историско наследство и искоренување на јазикот на омраза во Македонија.

На денешната средба со претставници на здруженија и организации на македонските Бугари, Радев порачал дека во ред се активностите за продлабочување на меѓусебните односи, но треба да има јасен календарски патоказ за решавање на отворените прашања.

„Се залагам за јасни гаранции. Сметам дека впишувањето на македонските Бугари во Уставот треба да биде задолжителен услов за почеток на преговорите. Пред да ја отвориме вратата треба да има јасен и одржлив процес на искоренување на јазикот на омраза“, изјавил Радев.

Тој тврди дека тоа во никој случај не е мешање од страна на Бугарија во внатрешните работи на Северна Македонија, туку, повеќе е „загриженост и поддршка за нејзиниот одржлив пат кон членството во ЕУ“. Оваа позиција бугарскиот претседател, како што изјавил ја кажува и пред двете влади и пред европските институции и се залага за правата на македонските Бугари пред сите европски лидери.

Претседателот на Граѓанската демократска унија (ГДУ), Петар Колев забележал дека изјавите и дејствата на Радев покажуваат оти во Бугарија има современи политичари кои целосно ги разбираат нивните надежи и стремежи.

„А тие не се толку тешки за разбирање. Ние сакаме во нашата држава нашите деца слободно да можат да се определат како Бугари. Сакаме во нашата татковина РС Македонија да учествуваме рамноправно и интегрирано во нејзиниот политички, економски, културен и општествен живот. Сакаме јасно да биде заштитено бугарското културно и историско наследство во РС Македонија, бидејќи секојдневно со сопствени очи гледаме како тоа се руши“, изјавил Колев.

Тој додал дека бараат да се направат промени во образовниот процес за да се расветлела историската вистина за, како што вели, нашите заеднички предци.

„Никој од нас повеќе не може да трпи децата да ни се враќаат од училиште вознемирени зашто Бугарите таму се нарекуваат фашисти, окупатори и татари кои биле најголемиот непријател во нашата држава РС Македонија. Тој јазик на омраза не може да се трпи ниту од нас, ниту од целиот цивилизиран свет“, се жалел Колев, додавајќи дека не сакале повеќе да бидат третирано како граѓани од втор ред.

По средбата со Радев, 11-те претставници на македонските Бугари денеска попладне ќе одат на разговори во Владата, а утре и во бугарското Народно собрание.