Радев ќе даде дополнително време и за втората партија што ќе добие мандат за состав на нова бугарска Влада

2

Бугарскиот претседател, Румен Радев, најави дека е подготвен да обезбеди дополнително време и за вториот мандатар за формирање влада.

Радев од Брисел, каде што треба да учествува на последниот Совет на лидерите на ЕУ за годинава, коментираше дека сите се убедени дека Бугарија треба да има редовна влада, а сите гледаат колку е тешко да се формира и затоа секој обид во оваа насока мора да биде поттикнат.

На првата политичка сила во земјата и беше дадено дополнително време во оваа многу распарчена политичка конфигурација да размислува и да формира кабинет. Во оваа ситуација, според него, правилно е и втората политичка сила да добие дополнително време, се додека намерите за формирање влада се искрени и времето се искористи за донесување важни закони, а не за изборна кампања.

Тој изрази очекување дека партиите во бугарскиот Парламент треба да преземат јасна политичка одговорност, велејќи дека е неопходно Националното собрание да донесе два важни закони во јануари – за одговорноста на главниот обвинител и за измените во антикорупциската легислатива.

Повеќето локални медиуми во Софија јавуваат дека „Промените продолжуваат“, која е втората по големина партија во 48. Народно собрание, за премиер ќе го предложи поранешниот министер за образование во владата на Петков, Николај Денков.

Даниел Лаурер коментира дека лидерите на „Промените продолжуваат“ и на „Демократска Бугарија“ треба да се повлечат и да номинираат експерт за иден премиер.