Разрешена директорката од училиштето во Градско каде се вршел булинг врз ученик

1

 

Разрешена е директорката на Основното општинско училиште „Даме Груев“ во Општина Градско, каде еден од учениците подолго време бил жртва на врсничко насилство од соученици.

Оваа информација на Фејсбук ја соопшти градоначалникот на Општината, Киро Нацков, кој дополнително апелира сите засегнати институции да преземат одговорност. Според него, иако е пријавено во МВР и Центарот за социјални работи, сепак се` уште нема никаква реакција по однос на овој случај.

„Во рамки на моите надлежности веднаш соопштувам дека во рамките на училиштето ја разрешувам директорката на ООУ „Даме Груев“. Веднаш потоа сакам да апелирам до МВР, Центар за социјални работи, Државен инспекторат за образование и сите надлежни да го испитаат детално случајот и онаму каде треба да се помогне, а онаму каде треба да се сноси одговорност. Уште еднаш апелирам дека иднината на нашите ученици и деца е најважна и мораме да бидеме сите со високо ниво на свест. Ова не смее уште еднаш да се повтори“, напиша Нацков.

Станува збор за случајот во кој двајца деветтодделенци, во ООУ„Даме Груев“ во Градско, во два наврати, му искинале долен веш на соученик во соблекувалната за физичко образование. Првпат тоа се случило на четврти а вторпат на 11 ноември, кога ученикот се вратил дома освен со искинат долен веш и со гребнатини на телото.