Ракометарите ќе поделат 20.000 евра за победата над светскиот првак Данска!

25

Првиот човек на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, по синоќешната огромна победа над актуелниот светски и олимписки првак Данска (33-29) ги информирал членовите на националниот тим дека само за овој голем успех ќе добијат премија во износ од 20.000 евра.

Ова дефинитивно е најголема награда само за еден меч, која заслужено ќе заврши кај жолто-црвените херои, кои го оставија срцето на терен во пресметката со ривалот кој беше најдобар на неодамнешниот Мундијал во Египет. Триумфот е своевидна потврда на пласманот на ЕП 2022, што значи дека избраниците на селекторот Кирил Лазаров наскоро ќе добијат и дополнителна парична награда, како мотив за уште подобри игри и враќање на македонскиот ракомет во европската и светска елита.

Но, колку и да е убава оваа вест, останува горчината што сите ракометари заедно, кои го победија најдобриот на светот, ќе мора да ја поделат меѓу себе истата сума што неодамна заврши во секој џеб поединечно на членовите на Управниот одбор на ФФМ за пласманот на репрезентацијата на ЕП 2021. А, нивниот удел во сето тоа беше само со шетања низ Европа, земање дневници и летање со авиони.