Рама: ЕУ ни оди на нерви, но е највизионерскиот проект

12

Меѓународните донатори во понеделникот ветија 1,15 милијарди евра за да и помогнат на Албанија да се опорави од силниот земјотрес што ја погоди во ноември лани. По донаторската конференција во Брисел шефицата на Евопската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека е конечно време Тирана и Скопје да ги почнат пристапните преговори со ЕУ.

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека сумата – што ја надминува вкупната проценка за штетите – е „надвор од неговите најлуди фантазии“, со оглед на тоа што на донаторската конференција заложбите беа околу 400 милиони евра.

Парите кои главно доаѓаат од европските држави, како и од Турција и Обединетите Арапски Емирати и меѓународните финансиски институции ќе помогнат за надминување на последиците од земјотресот со сила од 6,4 степени што се случи во ноември, при што загинаа над 50 луѓе, а околу 17.000 останаа без домови.

Главна причина поради која земјотресот предизвика толку многу штети, велат експертите, била нелегалната градба и корупцијата.

Затоа Рама изјави дека ќе стори се за да обезбеди дека сите пари на европските даночни обврзници ќе биде добро потрошени.

Пред конференцијата, албанските очекувања беа намалени од, како што рече Рама, „политичкиот земјотрес“ во октомври, кога три држави ги блокираа Тирана и Скопје да ги започнат преговорите за членство:

„Исто така ова е фантастичен момент за сите да разберат дека Европската унија иако може да ни оди на нерви, но тоа е еден вид на најневеројатно највизионерскиот и најубавиот проект што човештвото го измисли за да ги зближи луѓето и да ја направи политиката сила за добро“.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пак, изјави дека Европа е тука кога е најважно:

„Албанија не е сама, ние ќе ја придружуваме Албанија во текот на фазата на закрепнување. Албанија за нас е важен партнер и пријател на Европската унија и Европската унија се залага за солидарност и одговорност“.

Таа ја искористи можноста да повтори дека е крајно време Унијата да ги почне преговорите со Северна Македонија и Албанија:

„Според мое мислење, крајно време е да ги започнеме разговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија. Побаравме многу од нив, тие ги одржаа своите ветувања, ги направија сите работи што ги замоливме да ги исполнат што беше долго патување. Затоа, мислам дека сега е на наша страна да бидеме доверливи и да работиме на заедничката цел“, рече Урсула фон дер Лајен.