Рама за самитот во Тирана: Стратешки пресврт во историјата на ЕУ кон Западен Балкан

0

Албанскиот премиерот Еди Рама изјави дека Тирана многу внимателно е избрана да биде станица за одржување на Самитот меѓу Европската Унија и Западен Балкан.

-Во пресрет сме на несекојдневен настан, историски настан. Според моја гледна точка, најважното нешто во историјата на меѓународните односи на земјата, кога цела ЕУ, сите лидери на обединета Европа ќе дојдат во Тирана, за првпат во земја која не е членка на ЕУ, на Самит кој Европскиот совет го одржува заедно со лидерите на Западен Балкан, рекол Рама, пренесува државната агенција АТА.

Рама го опиша одржувањето на овој самит во Тирана „како несомнена стратешка оценка од организаторите да се постави токму во Тирана оваа станица на патување од причини што ги кажавме, станува се позаедничко патување, во свет кој нè става пред сѐ почести предизвици“.

-Тоа е стратешки пресврт во историјата на ЕУ, во последните многу години, овој пресврт кон сосема нов пристап кон Западен Балкан. Морам скромно да кажам дека ја одигравме нашата улога да дојдеме до овој пресврт и дадовме низа докази дека сме подготвени да бидеме оценети и разгледани поинаку. И тука мислам не само на Албанија, туку на Западен Балкан во целина, нагласил Рама.

Шефот на албанската извршна власт додава дека „тоа е стратешки пресврт, дефинитивно поттикнат од пандемијата прво, а потоа и од руската агресија во Украина, во продолжение. Но, тоа е и стратешка оценка за Албанија, во тоа нема сомнеж. Тоа не е случајно избрана станица. Тоа е многу внимателно избрана станица“.

-Верувам дека сите се сеќавате дека кога го кренав мојот глас, особено на врвот, кога ЕУ одби да не види како дел од процесот на дистрибуција на вакцини во првата фаза, во првиот страшен бран на Ковид-19, многумина рекоа дека тоа е глупост и дека ова всушност е крај на нормалниот однос со ЕУ и дека ЕУ ќе возврати за ова. Всушност, ни се случи сосема спротивното и, не само затоа што бевме во право, туку и затоа што ЕУ не е структура, не е институција, не е сила, која реагира како најсилниот во едно маало, напротив, важно е да си во право и да знаеш да ја пренесеш пораката за тоа што ти припаѓа, на разбирлив, јасен и фер начин и без дискусија дека твојот глас, порано или подоцна, но во овој случај порано отколку подоцна, се слушна, рекол Рама во онлајн врска со граѓаните и медиумите.

Во однос на протестот што опозициската Демократска партија на Сали Бериша го закажа за утре, Рама оцени дека ДП е расформирана сила, а протестот апсурден.

-Самитот е во организација на ЕУ, Албанија е домаќин, а европските институции се одговорни за безбедноста. ЕУ не изрази никаква загриженост во однос на тоа што тој ден ќе има протест на ДП, одговорил Рама.